Кичевци бараат решавање на проблемите со уличните кучиња

0
25

Пред општина Кичево денеска се одржа граѓански протест на кој беше побарано решавање на проблемот со уличните кучиња, преземање на работни активности, завршување со реконструкциите на улиците „Борис Кидрич“ и „Ужичка Република“, но и решавање на проблемот со градските депонии.

На протестот исто така беше побарано да се престане со т.н. рестрикција на електрична енергија и улично осветлување на цела општина, а на првата наредна идна седница на Советот, на дневен ред да се стават овие четири точки.

-Денес сме овде присутни граѓани од сите возрасти и сите националности и сите знаеме каков беше нашиот град и на што денес наликува. Подобро речено на се наликува само не на современа општина. Ако во минатото можевме секој од нас стари и млади слободно да се движиме по улиците во секое време од денот и ноќта, без притоа да не се плашиме, тоа денес е скоро невозможно, а причините се кучињата скитници, уличниот мрак и раскопаните тротоари и сообраќајници, истакна еден од присутните граѓани на собирот.
Граѓаните потенцираа дека имало ветување за зелени паркови за децата, но наместо тоа има раскопани улици и сметот од рушењето на објектите.

-Го повикуваме градоначалникот да излезе од своите луксузни возила и да прошета пеш по улиците навечер да види на каков град е градоначалник и на какво ниво го донесе со своето неодговорно владеење. Да престане да ја маипулира јавноста и да признае дека нема никаква рестрикција на струја бидејќи неговите соработници тоа го призннаа на една од седниците на Советот, додадоа присутните на собирот.