Ракетни напади низ цела Украина (ВИДЕО)

0
23

Русија врши масовни ракетни напади низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев, предизвикувајќи прекини на струја и вода, соопштија украинските власти.

Во последните неколку недели Русија ги засили ракетните напади врз Украина откако го обвини Киев за експлозијата што го оштети мостот на Крим.

Чад можеше да се види над Киев по повеќе од 10 експлозии, рекоа очевидци, делови од градот останаа без струја, а мрежата на мобилни телефони е прекината.

Ихор Терехов, градоначалникот на Харков, рече дека градот бил погоден од две ракети насочени кон „објект од клучната инфраструктура“.

Утрово ракетни напади беа пријавени и во централниот регион Виница, како и Дњепропетровск и Запорожје на југоисток и Лавов во западна Украина.

Наводно, погоден е и објект во хидроцентралата Дњепар во регионот Запорожје.

Во Киев е оштетен објект што напојува 350.000 станови, а итно биле пратени инженери да го обноват снабдувањето.

Жителите во регионите под напад беа повикани да останат во засолништа, поради стравувањата дека може да следат нови напади.

„Руските губитници продолжуваат да војуваат против цивилни објекти“, напиша Андриј Јермак, шеф на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, на апликацијата за пораки Телеграм.