СКЕЛЕТ НА ТИРАНОСАУРУС СТАР 67 МИЛИОНИ ГОДИНИ СЕ ПРОДАДЕ НА АУКЦИЈА ЗА 5,6 МИЛИОНИ ЕВРА

0
25

Скелет на тираносаурус (Tyrannosaurus rex), наречен Тринити, на возраст меѓу 65 и 67 милиони години и составен од коски на три различни диносауруси, е продаден вчера на аукција во Цирих за околу 5,6 милиони евра.

Беше понуден на продажба од приватно лице, анонимен американски државјанин, а се очекуваше да достигне цена од пет до осум милиони евра.

Аукционерот Сирил Колер откри дека ова е само трет пат во светот цел скелет на T-Рекс со исклучителен квалитет да се најде на аукција и прв таков случај да биде продаден во Европа.

„Беше прекрасна аукција затоа што прво го изложивме скелетот наречен Тринити две и пол недели во концертна сала во Цирих. Го погледнаа повеќе од 30.000 посетители, меѓу кои и многу деца“, изјави тој за Франс прес.

Колер рече дека се надева оти скелетот, иако е продаден на приватен купувач, сепак ќе остане јавно изложен за да можат да го видат што е можно повеќе заинтересирани.

„100 проценти сум сигурен дека ќе можеме повторно да го видиме скелетот на Тринити некаде во иднина“, рече тој.

Овој примерок од диносаурус е опишан како еден од најспектакуларните Т-Рекс скелети во светот. Долг е 11,6 метри, висок 3,9 метри и широк 2,65 метри.

Името на скелетот – Тринити го добил затоа што бил составен од коски на три различни тираносауруси ископани на американските локации Хел Крик во Монтана и Ленс Крик во Вајоминг. Се состои од 293 коски од примероци земени помеѓу 2008 и 2013 година.