ДУИ ќе се брише од учебникот по Албански јазик, велат од МОН

0
26

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека ќе биде коригиран новиот учебник по албански јазик за петто одделение во кој, во лекцијата за кратенките, меѓу другите, како пример се најде и скратеницата ДУИ – Демократска унија за интеграција.

Од Министерството порачаа дека образованието и воопшто целиот образовен процес се политички неутрални процеси и надвор од дневните партиски политики, и поради тоа, апелираа до авторот на учебникот Вехби Кадриу и до Педагошката служба да постапат за конкретниот случај согласно Законот за учебници.

„Членот 14 во законското решение децидно уредува во случај ако се констатира дека во одобрен учебник се потребни одредени исправки или дополнувања, а истите не претставуваат повеќе од 30 отсто од содржината на учебникот, Педагошката служба треба да достави барање до издавачот, односно авторот да предложат исправка или дополнување во текстот на учебникот во рок од 30 дена од денот на добивање на барањето. Барање за дополнување или исправка може да поднесе и самиот автор или издавач“, велат од министерството.

Во врска со учебникот реагираше и опозициската Алијанса за Албанците, која ова го нарече „скандал“ и побара тој веднаш да се повлече.